Србија: Се стега обрачот околу некогаш најмоќната жена во полицијата – каква била улогата на Дијана Хркаловиќ во кланот на Беливук?

Од:

Поранешната државна секретарка во српското Министерство за внатрешни работи, Дијана Хркаловиќ, денеска беше сослушана во Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК), каде четири часа одговараше на прашањата на истражителите околу нејзината поврзаност со криминалната група на Вељко Беливук.

Дел од српските медиуми јавија дека Хркаловиќ наводно одбила да биде испрашана на полиграф околу криминалниот клан за кој, според извори од истрагата, таа служела како врска во МВР, практично претставувајќи логистичка поддршка за групата.

Медиумите пишуваат дека истражителите веќе имале обезбедено цврсти докази против поранешната висока полициска функционерка, како и против Славиша Кокеза, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија, кој исто така наводно одржувал тесни врски со криминалците.

Како што пишува „Информер“, повикувајќи се на извори од истрагата, на потег е Обвинителството, затоа што полицијата има несоборливи докази дека Хркаловиќ и Кокеза активно соработувале со кланот на Беливук, а двајцата можат да се третираат како „истакнати членови на кланот“, додека Хркаловиќ била „еден од мафијашките босови“.

„Што се однесува на Дијана, таа активно работела заедно со кланот така што им обезбедувала поддршка и информации од полицијата. Хркаловиќ, со помош на неколкумина свои луѓе во полицијата буквално приватизирала еден дел од МВР и му го дала на располагање на Беливук и на црногорскиот ‘Кавачки клан’. Тој одметнат дел од Министерството со Хркаловиќ на чело, толку многу се осилил, што во еден момент си умислиле дека ќе ја преземат и целокупната власт во земјата,“ вели изворот.

„За време на истрагата околу злосторите на Вељко Беливук, но и околу прислушувањето на претседателот Александар Вучиќ и членовите на неговото семејство, инспекторите сфатија дека сите патишта водат кон Дијана Хркаловиќ. Испаднало дека бројни налози за криминални активности потекнувале токму од неа. Освен што ја товарат материјални докази, се е поткрепено и со сведочења на неколку нејзини блиски соработници од МВР. Тие сфатиле дека нејзиниот клан во полицијата е разбиен и дека им се заканува повеќегодишен затвор, па одлучиле да раскажат се што знаат, надевајќи се дека така барем ќе издејствуваат помали казни,“ вели изворот од истрагата за Информер.

Хркаловиќ се појави во српската полиција во 2014 година, кога без никакво полициско искуство и со само 27 години, почна нејзиниот молскавичен пат кон највисоките позиции во Министерството за внатрешни работи. Иако провладините медиуми и таблоидите низ годините ја претставуваа како бескомпромисен борец, „ударна тупаница“ на власта во борбата против криминалот, на одредени независни медиуми и на социјалните мрежи можеа да се прочитаат извештаи за нејзиното наводно арогантно однесување и желба по секоја цена да се контролираат работите во полицијата.

Хркаловиќ и поранешниот српски министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ

Власта за целото тоа време не демантираше ништо од овие извештаи, а Хркаловиќ за својата добра работа напредуваше со вртоглава брзина. Нејзината наводна моќ била толкава што во српската полиција се зборувало дека таа е фактички министерка, додека Небојша Стефановиќ бил на позицијата само формално, пишуваат медиумите.

Би можело да ве интересира

Вељко Беливук и Дарко Шариќ обвинети за уште четири убиства

Обвинителството бара 221 година затвор за дилерите на Беливук

Валканите тактики на кланот на Беливук: Ги откажуваат адвокатите пред сведочењето на единствената преживеана жртва

Беливук: Уште еден член на групата ќе стане обвинет-соработник на обвинителството

Првата жртва на кланот на Беливук беше брутално убиена пред точно 4 години

Ана Ололовска

Куќа на ужасот: Прегледани 1000 морничави слики од куќата на Беливук во Ритопек

А1он