Србија очекува почеток на изградбата на „Турски поток“ на нејзина територија во март

Од:

Изградбата на трасата од гасовод „Турски поток“ низ Србија, од бугарската до унгарската граница, може да почне помеѓу 1 и 15 март идната година, а реално е да се очекува целата работа да биде завршена до 2020 година, изјави денеска директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Бајатовиќ за ТВ Прва изјави дека изградбата на гасоводот, долг 403 километри, ќе биде финансирана од компаниите кои долгорочно ќе ги закупат неговите капацитети.

Тој најави дека до крајот на годината ќе биде објавен повик за задолжителен закуп на капацитетите.

– Не постои ниту една економска, правна или некоја друга причина, освен од политичка природа, која би можела да го запре овој гасовод, изјави Бајатовиќ.

Тој изјави дека српската Агенција за енергетика одговорила позитивно на барањето на српско-руската компанија „Гастранс“ за изградба на гасовод и ги има доставено сите документи до европската енергетската заедница, која има рок за одговор од 60 дена.

– До крајот на јануари, ќе имаме одговор од нив. Не гледам причина зошто мислењето за ова би било негативно, а и ако биде негативно, тоа не е обврзувачко за нас, додаде Бајатовиќ.

Според него, Европската комисија не може да има ништо против, бидејќи сè е направено според српскиот Закон за енергетика, кој е во согласност со Третиот енергетски пакет. – Досега, никој нема ништо против тоа, освен што Американците притискаат, рече Бајатовиќ.

Тој најави дека вредноста на проектот изнесува нешто повеќе од 1,8 милијарди евра, за што се предвидени средства во буџетот на Србија во 2019 година.

Бајатовиќ нагласи дека целосната траса на идниот гасовод е позната и оти сега следат разговори за привремена експропријација на една или две години.

Со изградбата на овој проект Србија само од транспорт на гасот очекува да заштедува по 45 милиони долари годишно, бидејќи тој сега преку Унгарија чини 60 милиони долари, а преку „Турски поток“ не би требало да изнесува повеќе од 15 милиони долари.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

11 уапсени за трагедијата во Нови Сад, приведен и Горан Весиќ

Катерина Ѓуровски

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Србија снегот направи големи проблеми: „Прст пред око не се гледа“

(ВИДЕО) Опозицијата го блокираше судот во Нови Сад: кошкање и туркање со полицијата

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Плафон падна врз гости во дискотека во Србија, има повредени