Во тензична атмосфера почна конститутивната седница на Собранието на Србија, на која беа потврдени мандатите на 250 изабрани пратеници.
Народните пратеници од опозициската партија Србија против насилството (СПН) на почетокот на седницата свиркаа и носеа транспаренти. Тие излегоа од своите клупи и застанаа поблиску до говорницата. За тоа време на балконот на собранието беше развиен транспарент насочен против опозицијата и властите на некогашната ДОС, што пратениците на СНС го дочекаа со аплауз.
Откако Верификационата комисија го потврди извештајот на Републичката изборна комисија (РИК) за декемвриските избори за сите 250 пратенички мандати, претседавачот со конститутивната седница, најстариот пратеник Стојан Раденовиќ од СНС соопшти дека со ова Собранието е конституирано, по што пратениците положија заклетва.
Пратениците од Власта дадоа заклетва во салата, а за тоа време пратениците од опозицијата ја напуштија салата, па дадоа заклетва во холот на собранието.
– Не сакаме да положиме заклетва со луѓе кои добија мандати со кражба на избори, кои секојдневно ги кршат законите и за кои зборовите на оваа заклетва не значат ништо – изјавија по седницата од коалицијата Србија против насилството.
По полагањето заклетва, претседавачот со конститутивната седница ја заврши денешната работа на Собранието.
Во парламентот влегоа 250 пратеници, коалицијата околу Српската напредна партија (СНС) ќе има 129 пратеници, Србија против насилство (СПН) 65, Социјалистичката партија на Србија (СПС) 18, коалицијата НАДА 13 и Ние – гласот на народот 13 пратеници.
Од малцинските партии, Сојузот на Унгарците од Војводина ќе има 6 пратеници, двајца пратеници доаѓаат од Обединети за правда – Усама Зукорлиќ и СДА Санџак – Сулејман Угљанин и по еден мандата имаат Руската партија и Политичката борба на Албанците продолжува – Шаип Камбери.
Рокот за формирање на Влада е 90 дена од денот на конституирањето на Народното собрание.