Предупредување за многу интензивни врнежи од снег во следните часови во вашиот регион, избегнувајте секакви непотребни движења, е пораката што претпладнево ја добија жителите на Атика, поширокиот регион на Атина, поради снежната бура што создаде проблеми на повеќе булевари, прекин во јавниот сообраќај и ги затвори училиштата, јави дописничката на МИА од Атина.
Снегот утрово започна интензивно да паѓа во повеќе делови на Атина, особено во северниот дел, каде што се регистрирани поголем дел од проблемите.
Државните службеници порано си заминаа од работа, Парламентот ја прекина седницата, а одложена е и вакцинацијата во областа Атика и на Евија.
Иако снежната покривна во Атина, со исклучок на северниот дел, засега не надминува десет сантиметри, сепак сообраќајот низ грчката метропола се одвива со потешкотии.
Полицијата на излез од Атина ги запира автомобилите доколку немаат заштитни синџири и зимска опрема и не им дозволуваат да продолжат по автопатот кон градот Ламија, кој е затворен за товарни возила.
Од Министерството за внатрешни работи на Грција преку циркуларно писмо до јавните служби побараа државните службеници во 12 часот да си заминат од работните места, доколку нивните позиции не се поврзани со справувањето со невремето.
Според грчките метеоролози, се очекува снежната бура да се интензивира во попладневните часови, а портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на редовниот брифинг со новинарите апелираше да се избегнуваат непотребни движења и рече дека државниот механизам е на располагање, во соработка со локалните власти да интервенира онаму каде што ќе биде потребно.
Поради невремето „Елпида“, вчера беше донесена одлука градинките, основните и средни училишта во областа Атика, поширокиот дел на Атина, но и во други делови на Грција денеска и утре ќе бидат затворени, а учениците следат онлајн настава.
Иконому објасни дека 46.000 одделенија во цела Грција денеска одржуваат онлајн настава.
Од Министерството за здравство соопштија дека од 15 часот денеска и утре, поради лошите временски услови се одложува процесот на имунизација во Атика и на Евија, а според грчката новинска агенција АНА-МПА, поради снежната бура Парламентот ја прекина денешната седница и ќе остане затворен и утре.