Реките во Словенија, во подрачјата погодени од неодамнешните поплави, ќе останат речиси без риби, соопшти денеска Словенечкото риболовно здружение.
Повеќето риби угинале и од силни струи и од матната вода што им навлегла во жабрите, пренесува СТА.
Многу oд рибите завршиле на полињата, додека дел од нив биле спасени од рибарите кога водата се повлекла.
– Многу млади риби угинаа – изјави претседателот на Словенечкото риболовно здружение Мирослав Жаберл.
Реките според него се загадени со канализација и нафта од резервоарите.
„Сето тоа не е добро за потоците или рибите“, рече Жаберл.
Засега не е јасно дали рибата која е зафатена од поплавите ќе биде безбедна за консумирање.