Лидерите на четирите словенечки опозициски партии денеска потпишаа договор со кој се обврзуваат дека ќе формираат коалициска влада по парламентарните избори, предвидени за првата половина на следната година.
Договорот помеѓу Листата на Марјан Шарец (ЛМШ), Социјалдемократите (СД) на Тања Фајон, Левица (Л) на Лука Месец и Партијата на Аленка Братушек (САБ) предвидува дека овие партии од левиот центар ќе освојат мнозинство во парламентот на следните избори. Овие партии ќе учествуваат на изборите со свои самостојни листи, но со договор дека иден премиер на новата влада да биде лидерот чија партија ќе освои најмногу гласови на изборите.
– Ние претставуваме алтернатива на актуелната влада на Јанез Јанша и сакаме да го добиеме потребното мнозинство за формирање стабилна влада која ќе ја врати Словенија на вистинскиот пат, рекоа лидерите на опозицијата на прес -конференција пред зградата на Парламентот, претставувајќи ја својата коалициска програма како враќање кон политичка „нормализација“.
Партиите се обврзаа дека нема да преговараат со партијата на актуелниот премиер по изборите, за кого велат дека ја води земјата „автократски“, дека ја одвлекува државата од европските вредности и владеење на правото и лошо управува со епидемијата на Ковид-19. Тие, исто така, се обврзаа дека ќе се придржуваат кон демократските вредности и нема да предизвикаат поделби какви што имало „изминатата година и половина под владеењето на сегашната коалиција“.
– Нашиот договор е инклузивен, подготвени сме да соработуваме со поединци и партии кои ги споделуваат истите вредности со нас, имаме желба и амбиција владата да ја формираат нашите четири партии, рече лидерката на социјалдемократите Тања Фајон.
Поранешниот премиер Шарец истакна дека не очекува соработкасо партиите кои по распадот на владината коалиција се приклучија на Владата на Јанша, оценувајќи дека тие ги издале своите принципи.
Претседателот на Левица Лука Месец појасни дека програмски приоритети на идната влада ќе бидат здравството, општествената солидарност, одржлив развој и заштита на животната околина.
Доколку ја освојат власта на следните избори, како што е убедена опозицијата, новата коалициска влада ќе мора да се соочи со тежок период бидејќи владата на Јанша создаде „историски голем“ буџетски дефицит и ја задолжи државата. – Ни претстои тешка работа бидејќи ќе треба да платиме и да го вратиме она што го потроши сегашната влада, рече Братушек.