Сите грчки ученици и студенти ќе одат на редовна настава, со задолжителни маски

Од:

Со сите ученици во секое одделение или клас, со задолжителна употреба на маска, учениците во Грција, но и студентите на сите факултети во земјата, се враќаат на редовна настава од идниот месец, соопшти попладнево министерката за образование на Грција Ники Керамеос.

Керамеос објасни дека иако е планирано учебната година да започне на 7 септември, сепак постои можност почетокот да се пролонгира, бидејќи целта е една седмица пред почетокот на наставата да нема раздвиженост и патувања на учениците за да се спречи евентуалното ширење на коронавирусот и упати повик до родителите, до крајот на август да се вратат од одмор.

Во однос на маските, за сите ученици и просветни работници ќе бидат обезбедени бесплатни платнени маски, ќе бидат задолжителни во затворените простори, односно во внатрешноста на училиштата, со исклучок на паузите за јадење.

За разлика од периодот по карантинот кога одново се отворија училиштата во Грција и секое одделение или клас беше поделено во две групи и наизменично, преку еден ден следеа настава, сега, во новата учебна година, не е предвидено такво нешто, туку наставата ќе се одвива регуларно, со сите ученици.

Керамеос рече дека во просек, секое одделение има по 17 ученици.

Дел од владиниот план вклучува и информирање на учениците за мерките за заштита од Ковид-19.

Во текот на новата учебна година во Грција нема да се одржат екскурзии, ниту училишни спортски натпревари.

Доколку се појави позитивен случај на Ковид-19 кај некој од учениците, ќе се следи специјалниот протокол од Националната организација за јавно здравје на Грција, ќе се затвора одделот, а не целото училиште, ќе се врши проверка на контактите, како и дезинфикација на просторот.

Во однос на високото образование во земјата, Керамеос рече дека студентите, регуларно се враќаат во амфитеатрите на Универзитетите во целата земја, а доколку на предавањето присуствуваат над 50 студенти, ќе се одржи онлајн, а исто како и за учениците, задолжителна е употребата на маска.

Регуларно ќе работат и студентските домови во цела Грција, додека пак за библиотеките задолжителна е употребата на маска и одржување на потребното растојание од еден и пол метар.

Би можело да ве интересира

Герапетритис: Грчката Влада реагираше брзо и го интернационализираше прашањето по инаугурацијата на Сиљановска

Маринакис: Логиката на употреба на уставното име формално, но не и во јавни настапи не може да биде прифатена од Грција

Герапетритис: Ќе бидеме строги за верното и доследно спроведување на Договорот од Преспа од Северна Македонија

Маринакис: Очекуваме да го видиме ставот на новата Влада на Северна Македонија

Македонско – грчките односи и понатаму во фокусот на медиумите во Грција

Полицијата упадна на Правниот факултет во Атина, уапси 28 лица