Конфедерацијата на слободните синдикати (КСС) организираше денеска протест пред српската Влада со барање за социјален дијалог и заштита на стандардите на граѓаните на Србија.
Неколку стотина членови на Конфедерацијата која собра работници од 37 јавни и приватни претпријатија во Србија, побара од српската Влада вклучување на Конфедерацијата како рамноправен партнер во работата на Социјално-економскиот совет, спречување на корупцијата и продажба на државниот имот, како и заштита на стандардите на граѓаните кој е загрозен поради неоправданото поскапување на стоките и услугите.
Претставници на синдикатот го повторија барањето од штрајкот одржан на 10 октомври во сите поголеми градови во Србија, а едно од главните барања е да се запрат поскапувањата и да се подобри егзистенцијалниот статус на граѓаните.
Работниците носеа транспаренти „Стоп на корупцијата“, „Стоп на распродажбата на државниот имот“, „Ние не сме бели мечки“, „За социјален дијалог“.