ЕУ е блиску до донесување одлука да го спречи правото за државјаните на земјите на Западен Балкан да патуваат на подрачјето на Унијата без визи, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Шведската Влада, според министерот за миграции Тобиас Билстром, го поддржува барањето за повторно воведување на визите.
– Причината за тоа е премногу големиот број на неосновани барања за добивање азил, при што во моментот околу 20 отсто од азилантите во Шведска доаѓаат од земји кои имаат визна либерализација, вели министерот Билстром.
Земјите кои шведскиот министер ги посочува се Србија, Македонија, Албанија и Босна.
Во текот на оваа година во Шведска се регистрирани приближно 3.000 баратели на азил од Србија и преку 1.900 од Босна и Херцеговина. Вкупно 98 проценти од сите поднесени барања за азил од балканските земји добиваат негативен одговор во првостепената инстанца во Шведска, Миграцискиот завод. Освен во Шведска, балканските азиланти се упатуваат и кон Германија, Белгија, Холандија и Данска.
– Проблемот е во тоа што станува збор за група азиланти кои немаат основа за барање заштита, а кои притоа ги оптоваруваат ресурсите за други групи со легитимна потреба за заштита, пред се од Сирија, потенцира министерот Билстром.
Шведскиот министер за миграции не сака да го коментира начинот на кој би била спроведена т.н. суспензионата клаузула, нагласувајќи дека најнапред треба да се прецизираат конкретните детаљи поврзани со привремено воведување на визите, а што би можело да се случи на почетокот на наредната година. Но, според Билстром, важно е да се насочат и барања кон надлежните органи и политичари во балканските земји, кога станува збор за политиката во однос на положбата на малцинствата и тоа пред се кога станува збор за Ромите, јави Шведското радио.