Под специјални протоколи и правила, фризерските и козметичките салони, како и археолошките локалитети во Грција денеска почнуваат со работа, иако во земјата сѐ уште е во тек третиот бран од пандемијата, со зголемен број новозаразени и речиси исполнети болници.
Ставот на грчката Влада е дека олабавувањето на рестрикциите, не значи и отворање, туку обид да се најдат алатки за намалување на притисокот на граѓаните од континуираните мерки, а во предвид го земаат и заморот на општеството, со оглед на тоа дека Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин.
Археолошките локалитети, меѓу кои и Акропол, по четири и пол месеци од денеска се отворени, но под специјални протоколи, а граѓаните дозволено е да ги посетат само доколку се во рамките на нивната општина, односно да стигнат пеш или со велосипед, а не со автомобил.
Дозволен е влез на групи до три лица, со исклучок на семејства, задолжителна е маската, како и одржување растојание.
Министерката за култура на Грција, Лина Мендони, вчера го посети Акропол, во пресрет на денешното отворање и рече дека „археолошките локалитети низ целата земја, како отворени простори, се подготвени да ги примат посетителите, давајќи им можност да се ослободат од притисокот од повеќемесечниот карантин, но исто така нудејќи им можност за забавна и едукативна прошетка“.
Фризерските и козметичките салони, ќе работат само со претходно закажан термин и со придржување на здравствените протоколи.
И за посета на фризерските и козметичките салони и за археолошките локалитетите, граѓаните, задолжително е да имаат испратено смс порака, нешто што веќе четири и пол месеци е секојдневие во Грција, односно испраќање порака за секое движење.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција заклучно со вчера во грчките болници, на Одделите за интензивна нега, приклучени на апарати беа 674 пациенти, што претставува рекорден број, додека пак здравствениот систем е под зголемен притисок.