Независноста на Каталонија, што во петокот еднострано ја прогласи каталонскиот Парламент, но не е призната од Мадрид и ЕУ, ги поттикна сепаратистичките амбиции на дел од Хрватите во Босна и Херцеговина.
Последен во низата инциденти со кои каталонската независност се поврзува со амбициите на некои кругови меѓу босанските Хрвати за отцепување од БиХ, се случи викендов кога на еден кружен тек во центарот на Мостар се појави табла со натпис „Плоштад на Република Каталонија“.
Според мостарскиот портал „Бљесак.инфо“, таблата ја поставиле засега непознати лица во ноќните часови, но таа „набрзо исчезнала“.
Претходно, во западниот дел на Мостар се појави транспарент за поддршка на независноста на Каталонија, со порака дека Хрватите во БиХ се следните кои ќе тргнат по патот кон независноста.
Транспарентот си натпис „Среќно! Ние сме следните!“, на кој беа нацртани знамиња на Каталонија и на самопрогласена творба на босанските Хрвати од времето на Војната во БиХ – Херцег Босна, беше поставен спроти Мостарската катедрала.
Трите знамиња, набрзо потоа, беа поставени и на влезот во местото Широки Бријег.