Главната албанска опозициска сила, Демократската партија денеска поднесе тужба против премиерот Еди Рама, обвинувајќи го дека незаконски ја финансирал предизборната кампања на американскиот претседател Барак Обама во 2012 година со 80.000 долари, во замена за фотографија на која тие двајца позираат.
Албанските демократи поднеле тужба до канцеларијата на Јавниот обвинител, тврдејќи дека Рама, кој во 2012 година беше опозициски лидер, испратил финансиски средства со што ги прекршил американските и албанските закони, а негова цел била да присуствува на предизборен собир на Обама во Сан Франциско.
Минатата недела Билал Шеху (48), кој е американски државјанин од албанско потекло, пред Федералниот суд во Њу Џерси се изјасни дека не е виновен за намерно доставување странски донации за кампањата на Обама.
Рама демантираше дека платил за да присуствува на предизборен митинг, но призна дека со Шеху се сретнал на тој собир.