Во рамки на посетата на Албанија, вечерва Еди Рама во премиерскиот кабинет го прими германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер. За време на средбата Рама изразил голема благодарност за поддршката што Германија ја дава на неговата земја.
– Ние сме многу благодарни на Германија за сè што направија германските влади за односите кои се на највисоко ниво. Поддршката на Германија на сите фронтови е суштинска за нас, рекол Рама.
Штајнмаер, пак, од своја страна и честитал на Албанија за отворањето на преговорите со ЕУ, бидејќи и „скептичните земји се согласиле да се забрзаат процедурите за проширување на ЕУ со Западен Балкан”.
– Честитки за постигнувањето на важна пресвртница, со почеток на преговорите за членство во ЕУ. Живееме во тешки времиња. Треба да сметаме дека Европа не само што треба да покаже единство, туку треба да биде отворена за неопходното проширување кон Западен Балкан. Скептичните влади се убедени дека мора да го забрзаме процесот, рекол германскиот претседател.
На крајот од средбата Рама на германскиот претседател му подарил книга и уметничка слика.
Во текот на денов шефот на германската држава, по средбата со неговиот домаќин, претседателот Бајрам Бегај, одржаа прес-конференција по што Штајнмаер имаше обраќање пред пратениците.
Тој попладнево положи венец на споменикот на народните херои и паднати борци „Мајка Албанија“ каде што беше придружуван од градоначалникот на Тирана Ерион Велиај.
Утре тој ќе го посети Националниот музеј „Куќа на лисјата“ во Тирана, со студенти од шесте земји од Западен Балкан ќе има дискусија и разговор како да се соочиме со комунистичкото минато, а ќе го посети и градот Берат каде ќе биде запознаен со проектите за развој на албанско-германската соработка.
Неговата посета на Албанија е прва на германски претседател по 27 години.
Извор: МИА