Албанската Влада одлучи да ги прекине дипломатските односи со Иран по кибернападите кои беа насочени кон веб-страниците на албанската влада во јули годинава.
Одлуката е донесена денеска на владината седница, а ја соопшти премиерот, Еди Рама.
Преку видео порака на Фејсбук премиерот објави дека и покрај тоа што нападот бил сериозен, не ја постигнал целта.
Тој информираше дека по длабински истраги, се појавиле непобитни докази дека Исламската Република Иран стои зад овој напад, дека за овој напад се информирани стратешките сојузници и партнери на НАТО, додека албанската влада и дала рок од 24 часа на иранската амбасада да ја напушти земјата.
– На 15 јули годинава нашата земја стана предмет на сериозен кибер напад, кој имаше за цел уништување на дигиталната инфраструктура на Владата на Република Албанија, парализирање на јавните услуги, како и кражба на податоци и електронски комуникации од владините системи. Нападот не ја постигна целта. Во споредба со целите на агресорот, штетата може да се смета за мала. Сите системи беа обновени и ништо не беше неповратно изгубено, рече Рама.
Додаде дека со недели се работело деноноќно или за да ги вратат сите системи на работа, или на длабинската истрага да се открие агресорот.
– Во соработка со специјализираните партнерски агенции за дигитален антитероризам, кои донесоа свои тимови во Тирана, беше можно прво, без сенка сомнеж, да се открие дека нападот на Албанија на 15 јули не беше операција на поединци или независни групи во светот на организираниот кибер криминал, туку државна агресија. Продлабочената истрага ни обезбеди непобитни докази дека кибер агресијата врз нашата земја е оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран, која ангажирала четири групи за нападот врз Албанија. Меѓу нив, една од најозлогласените групи на меѓународен кибер тероризам, автор или коавтор на претходни кибернапади врз Израел, Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Емирати, Кувајт и Кипар, рече Рама.
Според него Албанија ги информирала нејзините стратешки сојузници, земјите-партнери на НАТО и неколку други пријателски земји, со кои исто така ги споделиле непобитните резултати од истрагата што го докажува изворот на агресијата врз Албанија.
-Врз основа на горенаведеното, Советот на министри донесе одлука за прекин на дипломатските односи со Исламската Република Иран. Оваа одлука беше соопштена во официјална нота до амбасадата на Исламската Република Иран, од која беше побарано да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа со целиот дипломатски и техничко-административен персонал, вклучително и безбедносниот персонал, додаде Рама.
Посочува дека „оваа екстремна мерка, нималку посакувана, но целосно принудена, е во целосна пропорција со сериозноста и опасноста на кибернападот, кој се закануваше да ги парализира јавните услуги, да ги избрише системите и да ги украде државните податоци, да ги украде електронските комуникации во владиниот систем и да ја поттикне несигурноста и хаосот во државата”
-Неуспехот на овој масовен напад врз нашата земја, благодарение на отпорот на системите што ги поставивме и помошта на специјалните групи кои ни се придружија во оваа војна, не е крај на кибер заканата, туку едноставно доказ дека Албанија сега исто така влезе во мапата благодарение на дигиталниот развој на војната против кибер безбедноста. Но, добрата вест е што знаеме што треба да правиме и како треба да го направиме тоа за никој да не не допре, исто како што знаеме и дека ќе ги направиме вистинските работи како што треба, бидејќи ги имаме вистинските партнери, ја завршува Рама видеопораката.
Извор: МИА