Албанија ја засилува употребата на вештачка интелигенција (ВИ) во јавната администрација за да го забрза пристапувањето кон Европската Унија и да се справи со корупцијата, соопшти владата во Тирана. Премиерот Еди Рама изјави дека размислува за создавање министерство целосно управувано од ВИ, опишувајќи ја технологијата како „најефикасен иден член на владата“, објави Политико.
„Еден ден, можеби ќе имаме министерство целосно управувано од ВИ. На тој начин, нема да има непотизам или судир на интереси“, рече Рама на прес-конференција.
Идејата сè уште не е преточена во официјална политика, но ВИ веќе се користи во голем број области на владата: од контрола на јавните набавки и надгледување на даночните и царинските трансакции, до откривање на нелегална градба и следење на плажите и плантажите со канабис со помош на дронови и сателити. Со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот, најавена е и употреба на технологија за препознавање лица за испраќање дигитални предупредувања и казни до возачите.
Дигиталните јавни услуги во Албанија се значително проширени: повеќе од 95 проценти од административните услуги се достапни преку порталот е-Албанија, каде што на граѓаните им помага виртуелен службеник за ВИ. Според владини податоци, платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и им донела заштеди на граѓаните од над 600 милиони евра.
Албанија ги започна преговорите за пристапување со ЕУ во 2022 година, а вештачката интелигенција сега се користи и за преведување и анализа на сложени правни текстови во процесот на хармонизирање со законодавството на ЕУ, кое вклучува околу 250.000 страници.
Додека властите велат дека дигитализацијата е клучна лост во борбата против корупцијата и на патот кон ЕУ, експертите и опозицијата предупредуваат дека вештачката интелигенција не може да ги замени институционалните реформи и зајакнувањето на владеењето на правото.
Вештачката интелигенција беше користена и за промотивни цели за време на самитот во Тирана во мај, кога беа презентирани анимирани „бебешки верзии“ на европските лидери и им посакаа добредојде на гостите на нивните мајчини јазици. Властите во Тирана, исто така, најавуваат дека целта е Албанија да стане безготовинско општество до 2030 година.