Европската канцеларија за азил, ЕАСО, информираше дека по куса суспензија поради пожарот во бегалскиот камп Мориа, на островот Лезбос, интервјуата на бегалците баратели на азил ќе продолжат во наредните денови, јави дописничката на МИА од Брисел.
Околу 160 лица работат на Лезбос за ЕАСО на процедурите за азил за бегалците кои пристигнуваат на островот, од интервјуа до релокација на лицата кои добиле меѓународна заштита.
Поради пожарот нивните активности се суспендирани од осми септември годинава, но Канцеларијата уверува дека е во постојан контакт како со Европската Комисија така и со грчките власти на обезбедување помош и непречено продолжување на процедурите за азил.
ЕАСО,исто така, ги отфрли и шпекулациите дека поради пожарот се изгубени документи и апликации за азил, бидејќи сите апликации се прават по електронски пат. Што се однесува до интервјуата со бегалците, Канцеларијата информира дека тие не се одржуваат во кампот во Мориа.