Притвор од 30 дена за полицаецот чие апсење беше повод за српските барикади во северно Косово

Од:

Основниот суд во Приштина му одреди мерка притвор од 30 дена на поранешниот припадник на Полицијата на Косово, Дејан Пантиќ, кој беше приведен како осомничен дека минатата недела организира вооружени напади врз полицијата и канцелариите на изборните комисии во општините со мнозинско српско население во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата во изјава за медиумите ја потврди портпартолката на Основниот суд, Мирлинда Гаши, која изјави дека судот го прифатил барањето на Основното обвинителство за одредување притвор на Пантиќ, кој се сомничи за кривичните дела „тероризам“ и „загрозување на уставниот поредок на Република Косово“.

Апсењето на Пандиќ во саботата на граничен премин меѓу Косово и Србија беше повод за поставување барикади и блокирање на патиштата во тој дел од Косово, по што уследија и неколку напади со експлозивни средства, шок-бомби и огнено оружје врз припадници на косовската полиција, како и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблички, а подоцна, во петокот (9 декември) и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.

Според косовскиот премиер, инцидентите во косовскиот север ги предизвикуваат криминални групи, диригирани од српскиот претседател Александар Вучиќ.

По вчерашната седница на државниот Совет за безбедност, Курти порача дека „Косово не бара конфликт, туку мир и дијалог, но доколку биде потребно ќе се одбрани решително и силно“.

Од Европската унија, како и од амбасадите на САД во Приштина и Белград и од други дипломатски претставништва и мисии во Косово, ги осудија нападите врз полицијата и ЕУЛЕКС и побараа отстранување на блокадите, смирување на ситуацијата и решавање на споровите меѓу Косово и Србија по пат на дијалог и преговори.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВЛЕН: Македонија и Косово постигнуваат одлично соседско партнерство откако ние сме на власт

Горан Наумовски

Поранешен европски шампион застрелан во ресторан во Белград

(ВИДЕО) Вучиќ: Јавете им, ви пропадна Шарената револуција, нема да ја победите Србија

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Вучиќ подготвува сендвичи за граѓаните: Се гледаме во Митровица во 17 часот

Предраг Петровиќ

Почна 15-часовната студентска блокада во центарот на Крагуевац

Сијарто: Санкциите за НИС не се проблем само за Србија, туку за цела Централна Европа, Унгарија е подготвена да помогне