Лошото време создава проблеми во речиси сите земји од Западен Балкан, во БиХ се поплавени одредени реони, во Хрватска и денеска се очекуваат поројни дождови, а во Црна Гора бурни ветрови доведоа до прекин на струјата во неколку населени места, јави Танјуг.
Во Босна и Херцеговина најтешка е положбата во западните реони, каде по новите поројни дождови се активираа свлечишта, а некои реки се излеаја од коритата. Овие реони тешко беа погодени и во катастрофалните поплави во мај.
Во реонот на Нови Град во Република Српска нивото на реката Уна значително се зголеми и спасувачките екипи почнаа евакуација на повозрасните жители.
Во градот се поплавени повеќе населени и стопански објекти, откажана е наставата, водата ги поплави и околните патишта.
Некои градови во Хрватска, вклучувјќи ги и пристаништата Задар и Шибеник, уште вчера беа опфатени од силни ветрови и дожд, а според прогнозите и денеска се очекува исклучително лошо време.
Метеоролозите предупредија за опасно време по целото јадранско крајбрежје. Во реонот на градот Ријека се очекува урагански ветер со брзина до сто километри на час, а во поголемиот дел на земјата, особено во Далмација, Горски Котар и Лика и северозападните делови на Хрватска се очекуваат поројни дождови.
Во Црна Гора градовите Бар и Улцињ се без струја од раните утрински часови, откако громови предизвикаа штета на два далновиди и откако се запали трафостаница во Бар.