Извори од истрагата против уапсениот српски криминалец Вељко Беливук, познат како Веља Неволја, откриваат дека шефот на организираната криминална група ги избегнувал полициските патроли со тоа што набавил две возила „Ауди“ од идентичен модел и со иста боја како колата во која се возел директорот на српската полиција Владимир Ребиќ, а за возилата биле подготвени и таблички со исти регистарски броеви како возилото на високиот полициски функционер.
„Тој дури и набавил таблички какви што има директорот на полицијата, така што ниту една патрола не го запирала, мислејќи дека се работи за службеното возило. Табличките кои им се доделуваат на вработените на високи функции во полицијата се бришат од системот, а кога возилото би поминало на улица, не би било запрено, затоа што врз основа на табличките се гледа дека во колата е некој на висока функција, Тоа го знаел и Беливук, па направил план како непречено да врши кривични дела и да посетува различни локации, без некој да се посомнева дека тој бил таму,“ вели извор од истрагата за српски „Блиц“.
Двата автомобила „Ауди“ биле запленети во полициската акција минатиот месец, кога беа уапсени Беливук и уште 18 членови на неговата група. Запленети се и десетици други автомобили и разни други возила, кои се испратени на вештачење.
„Колите се одземени од сите осомничени, но и од нивните сопруги и други членови на семејствата. Се сомневаме дека многу од тие возила се користени за ликвидации и киднапирања. Вештачењата треба да укажат на тоа дали во автомобилите има траги од ДНК или некакви други траги од лица кои се исчезнати, а за кои постои сомнеж дела се убиени од страна на Беливук,“ вели изворот на „Блиц“.