Со полициски час, забрана за собири во домовите на над девет лица од две семејства, без организирани дочеци, но и под драконски безбедносни мерки со ангажирани над 10.000 полицајци во целата земја, Грците ќе ја поминат новогодишната ноќ.
Грција нешто помалку од два месеца е во карантин, а од 22 до 5 часот наутро има целосна забрана за движење, нешто што ќе важи и вечерва, па така за дочекот на Новата година, оние граѓани кои планираат со уште едно семејство да ја поминат новогодишната ноќ, при излегувањето од нивните домови ќе треба да испратат СМС порака, нешто што е веќе секојдневие за Грците.
Очигледно е дека е забрането организирање забави за новогодишната ноќ, односно т.н. „корона забави“, па така освен големиот број полицајци, подготвени ќе бидат и обвинители, доколку е потребно, да интервенираат во домовите и онаму каде што ќе биде забележано прекршување на мерките.
– Или по пријава или без пријава, доколку има информација дека некаде се одржува забава со повеќе од дозволениот број лица, очигледно е дека полицијата има право, во придружба на обвинител да уапси и да им одреди казни согласно законот, рече министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис.
Предвидена е казна од 3.000 евра за организаторот и 300 евра за учесниците во забавата.
Хрисохоидис додаде дека во 22 часот, кога почнува полицискиот час, „градот треба да биде мртов“.
Рано утрово, грчкиот премиер одржи видеоконференциски состанок со надлежните министри за спроведување на планот за следните денови, околу контролите за почитување на мерките.
И божиќните празници, Грците ги поминаа под строги безбедносни мерки, а не беа регистрирани поголеми прекршувања на правилата.
Кафулињата, рестораните, ноќните клубови се затворени веќе два месеца, забрането е патување меѓу региони, а нема да се организира ниту дочек на плоштадите во грчките градови, па така новогодишната ноќ граѓаните ќе треба да ја поминат во нивните домови, во кругот на семејството и со најмногу девет лица.