По повеќе од осум часа потера, полицијата го уапси Бранимир Чалета, осомничениот убиец кој денеска со лисици на рацете им избега на судските полицајци кога го спроведуваа од судот во Сплит.
Според сплитската полиција, Чалета се обидел да избега и кога полицајците го пронашле во близина на стадионот „Пољуд“. Уапсен е со употреба на сила и врзување, затоа што на рацете ги немал лисиците што му биле ставени во моментот кога избегал пред судот.
Како што претпоставуваше полицијата, по бегството Чалета се криел во близина на сплитското бродоградилиште. Тој е спроведен во притвор во затворот Билице.
Портпаролката на Министерството за правда на Хрватска, во обид да ги оправда двајцата судски полицајци кои денеска дозволија опасниот затвореник да избега, изјави дека бркањето на осомничените не е во надлежност на судската полиција и дека тие постапиле според прописите.
Адвокатот на Чалета претходно го повика својот клиент да се предаде, потсетувајќи дека тој уште во јуни го признал убиството на својата девојка Гана Китаева од Украина, извршено во 2013 година, и дека немал зошто да бега и што да крие.
За бруталното убиство во украинскиот град Днипро, кое Чалета го извршил откако дознал дека девојката е трудна со друг маж, му се заканува казна затвор од 20 до 40 години.