Продолжување за уште една седмица на актуелните мерки во Грција што се однесуваат на угостителските објекти, спортските натпревари и работата од дома, најави министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, говорејќи за грчката телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина.
Сепак, кончната одлука на грчката Влада ќе се базира на препораката на надлежната комисија на епидемиолози, која денеска ќе одржи состанок за да ја разгледа епидемиолошката слика во земјата и да препорача продолжување или укинување на мерките.
На 30 декември 2021 година беше воведено ограничено работно време до полноќ за угостителските објекти, забрана за музика, забрана за стоење и најмногу шест гости на маса, спортските натпревари се со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, а 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор работат од дома.
Првично, планирано беше мерките да бидат во сила до 16 јануари, а минатата седмица беа продолжени до 23 јануари 2022 година.
-Се чини дека кулминацијата на омикрон сојот дојде многу порано од очекуваното, но со делта сојот постои огромен притисок врз здравствениот систем. Додека во заедницата омикрон е 90 отсто раширен, кај хоспитализациите процентот е поделен, бидејќи има болни од делта, кои се разболеле за време на празниците, затоа логично е, за да го следиме феноменот, да има продолжување на мерките, рече Плеврис објаснувајќи дека ќе ја чекаат препораката од експертите.
Во изминатите два дена, по пауза од еден месец, во Грција беше регистриран троцифрен број починати од Ковид-19, вчера беа соопштение 106 смртни случаи, а завчера почина 101 лице.
Иако има намалување на бројот на нови случаи на Ковид-19 и веќе една седмица новозаразените на дневно ниво се под 30.000, сепак и понатаму е висок бројот на пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега, вкупно 673 заклучно со вчера.
Извор: МИА