Русија изврши обид за насилна смена на власта во Црна Гора со неуспешниот парамилициски атентат врз тогашниот премиер Мило Ѓуканович, но најверојатно нема да го повтори истото сценарио во Македонија, изјави Јакув Јанда од Институт за европски вредности од Прага.
Во изјава дадена во текот на синоќешен панел во Вашинтон на тема борба против дезинформации, тој укажа дека Македонија е сеуште во фокусот на руските субверзивни активности на Балканот.
-Замислете Грција, земја која имаше мошне топли односи со Русија, не се противеше на руската агресија во Украина и беше против воведување на санкции, наеднаш оваа земја протера двајца руски дипломати и забрани влез во земјата за уште други двајца.
Протерувањето на дипломатите се случи летово после руските прикриени напори во Грција да се поткупат локални екстремни политичари и црковни лица за разгорување на насилни протести во Солун и други градови против Договорот со Македонија.
Овие активности на руската агентура грчката власт ги оцени како загрозување на националната безбедност на земјата.
-Сметам дека во моментов руските субверзивни активности во Грција се многу засилени, изјави Јанда.
Тој додаде дека во јавноста мошне малку се зборува за турското влијание во Западен Балкан.
-Оваа тема тешко се отвара можеби затоа што Турција е дел од НАТО, но треба да се напомене дека не сето влијание што Анкара ги користи во ЕУ или на Балканот е пријателско, изјави Јанда.
Посочи дека турското непријателско влијание на Балканот е задоцнета тема која дури сега се отвара поради фактот што земјата е во НАТО.
-Се надевам дека Турција ќе остане таму, бидејќи не пожелуваме непријателски расположена Турција надвор од НАТО и предводена од исламистичка диктатура, изјави Јунда.
Тој укажа дека не постои големо стратегиско сојузништво помеѓу Турција и Русија. Можеби тоа сојузништво е техничко, но треба да се види дали ќе преживее во годините што следуваат, бидејќи двете земји имаат интереси што се судираат во регионот, посочи тој.