Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син Блажо во 2012 година склопиле тајни договори за управување со нивниот имот криејќи се зад компликувана мреж од поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските девствени острови, Панама и Гибралтар, а синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да основа две скриени компании со ќерки фирми во Лондон и во Црна Гора.
До овие податоци дошол истражувачкиот центар МАНС (Мрежа за афирмација на невладиниот сектор) преку глобалната истрага за офшор бизниси наречена „Пандора документи“ која ја водеше Меѓународниот конзорциум на истржувачки новинари со партнери во 117 земји.
Ова досега е најголемата база на протечени податоци со скоро 12 милиони документи од 14 офшор агенции. Една од нив е е ALCOGAL, водечката адвокатска канцеларија во Панама со претставништва во сите познати одшор дестинации вклучувајќи ги и Британските девствени острови преку кои како што наведуваат од МАНС, биле водени бизнисите на семејството Ѓукановиќ.
Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Шукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.
Од договорот може да се види дека Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син Capecastel Trust. Тие наведуваат минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица. Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и неговиот син покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставл црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон, пишува МАНС.
Во документите е и името на актуелниот министер за финансии на Србија и поранешен градоначалник на Белград Синиша Мали.
Новинарите од КРИК и мрежата OCCRP во 2015 година открија дека Синиша Мали, купил 24 луксузни апартмани во бугарското летувалиште Свети Никола на Црното Море. Вредноста на становите била околу пет милиони евра. Мали ги обвини дека лажат и призна дека купил еден стан, оној што бил регистриран на негово име.
Српскиот претседател Александар Вучиќ со години го брани својот близок соработник од сомненија за вмешаност во корупција, исто така, тврдејќи дека КРИК лаже. – Имам апсолутна доверба во министерот Синиша Мали, рече Вучиќ претходно оваа година.
Но, како што пишува КРИК, Пандорините документи докажаа дека Синиша Мали бил сопственик на станови и две офшор компании. Мали ги купил становите во 2012 и 2013 година, во време кога беше економски и финансиски советник на тогашниот прв вицепремиер на Србија, Александар Вучиќ.
Мали купил 24 апартмани во Бугарија од компанија на Срѓан Дабиќ, поранешен кошаркар и директор на српската филијала на познатата руска нафтена компанија Лукоил.
Мали не одговорил на повикот на новинарите на КРИК за интервју или на деталните прашања што му ги испратиле.
Други звучни имиња се колумбиската пејачка Шакира, германската манекенка Клаудија Шифер и индискиот играч на крикет Сачин Тендулкар.
Тоа е најновото во серијата тајни документи што протекоа во последните седум години, по фајловите FinCen, Рајските документи, Панамските документи и Лукс Ликс.
Во повеќето земји, ваквите постапки не можат да се гонат, но ИЦИЈ ги спореди говорите на политичарите против корупција со нивната инвестиција во даночни раеви. Кенискиот претседател Ухуру Кенијата во неколку наврати изјави дека е подготвен да се бори против корупцијата и ги обврза државните службеници да бидат транспарентни во врска со нивниот имот. Но, „Пандорините документи“ откриваат дека кенискиот претседател поседува фондација во Панама, а неколку членови на неговото семејство имаат над 30 милиони долари на офшор сметки.
Американскиот центар за јавен интегритет во 1997 година го основаше ИЦИЈ, кој стана независен ентитет во 2017 година. Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари е независна меѓународна мрежа со седиште во Вашингтон, со повеќе од 200 новинари и 100 медиумски организации во повеќе од 70 земји.
ИЦИЈ стана познат во април 2016 година, по објавувањето на Панамските документи, истрага базирана на околу 11,5 милиони документи од панамска адвокатска фирма. Тогаш ги открија скриените средства на илјадници клиенти на Мосак Фонсека, вклучувајќи и некои познати личности. Документите предизвикаа оставки на исландскиот премиер Сигмундур Давид Ганлаугсон и пакистанскиот премиер Наваз Шариф.
Во ноември 2017 година, ИЦИЈ ги објави Рајските документи врз основа на нов сет документи од друга финансиска компанија, Appleby. Меѓу познатите имиња и истраги за потези за криење на имотот и затајување даноци се принцот Чарлс, шампионот во Формула 1, Луис Хамилтон и компанијата Најки.