Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, го оцени како неуспех учеството на косовскиот премиер Албин Курти на разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, велејќи дека „заемното признавање треба да биде приоритет, а не други теми“.
„Изненадувачки е зошто признавањето на Косово не е приоритет. Првиот приоритет на Курти е трансформација од ЦЕФТА во СЕФТА. Смешно. Како и вториот приоритет, мировниот договор меѓу двете земји, како и пристапот кон исчезнатите,“ напиша Харадинај на социјалните мрежи.
Според опозицискиот политичар, таквиот пристап, да се разговара за други теми, без меѓусебното признавање, како што се случуваше порано во процесот на дијалогот, нема резултати и „во оваа фаза е опасен за Косово“.
И од Демократската партија на Косово, најсилната опозициска партија, порачаа дека Курти во Брисел отишол според условите кои ги поставил претседателот на Србија Александар Вучиќ.