Вакцинирање со четврта доза за одредени категории граѓани и трета доза од вакцината за децата над 12-годишна возраст, одлучи Кипарската Влада, а дополнително ќе се соопшти почетокот на вакцинацијата и конкретниот процес, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за здравство на Кипар, четврта доза ќе можат да примат граѓаните над 70-годишна возраст и лицата, независно од возраста, кои престојуваат или работат во домови за стари лица, здравствените работници, како и лицата со сериозни здравствени проблеми.
Четврта доза од вакцината ќе се аплицира пет месеци по бустер дозата.
Паралелно, на седницата било одлучено, децата над 12 години, да можат да примат трета доза, доколку се поминати шест месеци од вакцинацијата.
Новите одлуки, според Министерството за здравство, се „во рамките на напорите на за зајакнување на имунитетот на групите од населението кои се поранливи на тешки болести“, а потенцираат дека третата и четвртата доза на вакцината не се задолжителни.
Извор: МИА