Тврдењата за трговија со органи за време и по вооружениот конфликт во Косово, како и обвинувањата за попречување на истрагите и притисок врз српското население, повторно се најдоа во центарот на вниманието на јавноста по изјавите на претседателот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, Вељко Одаловиќ, за руските медиуми. Вељко Одаловиќ, претседател на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Република Србија, во интервју за РИА Новости изјави дека за време на конфликтот во Косово, органите биле вадени од жртвите, а потоа продавани на богати купувачи во странство. Одановиќ потсети на претходните тврдења на поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, која зборуваше за одведувањето на Срби и други неалбанци во таканаречената „Жолта куќа“ во Албанија, од каде, како што тврдеше, се продавале органи во областа Бурелија.
Според Одаловиќ, во еден момент, некои западни медиуми објавија дека одреден број жени од источноевропските земји и поранешниот Советски Сојуз исто така завршиле на таа локација. Сепак, како што изјави тој, сè остана без темелна истрага.
„Доколку ова се потврди, ќе се открие дека земените органи не биле наменети за Србија, Косово или земјите во регионот, туку биле транспортирани со авион до места каде што имало купувачи кои биле подготвени да платат“, рече Одаловиќ, истакнувајќи дека никогаш не е целосно разјаснето каде завршиле телата на жртвите.
Тој особено нагласи дека обидите за спроведување истрага во Албанија биле попречени. Според него, претставници на ОН и Хашкиот трибунал се обиделе да ги проверат наводите на терен, но, како што тврди, наишле на одбивање од страна на албанските власти.
Одаловиќ, исто така, истакна дека на 12 февруари оваа година, албанскиот парламент усвоил декларација со која ги поддржува теренските команданти на Ослободителна војска на Косово (ОВК), прогласувајќи ги за „невини“, што, според него, дополнително го комплицира разјаснувањето на случаите на киднапирани и исчезнати лица.
Паралелно со овие наводи, амбасадорот на Руската Федерација во Србија, Акелсандар Боцан-Харченко, претходно изјави за РИА Новости дека на Косово се спроведува „непријавено, прикрадливо етничко чистење“ на српското население.
Тој изјави дека, како што рече, се создаваат неподносливи услови за живот за Србите, особено на северот, и дека процесот, според него, се одвива постепено, но континуирано.
„Зборуваме за протерување на Србите од Косово, за создавање услови што ги принудуваат да заминат. Овој развој на настаните е во тек и, за жал, мора да претпоставиме дека ќе продолжи“, рече шефот на руската дипломатска мисија во Белград.
