И покрај лошите временски услови, потрагата по момчето кое на 17 јануари бран го одвлече во морето во Херцег Нови ќе продолжи и денеска, а ќе биде вклучен и хеликоптерот Фронтекс од Италија.
Помошник-директорот на Управата за поморска безбедност и управување со пристаништа, Жарко Лукшиќ за порталот „Подгорица Дан“ изјави дека поради неповолните временски услови нуркачите и пловните објекти не можат да ја пребараат областа, па се очекува пристигнување на хеликоптерот на Фронтекс.
„Хеликоптерот на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) се очекува нешто по 10 часот и ќе изврши пребарување од влезот во заливот. Утрово временските услови се неповолни, па од морска страна ниту нуркачите, ниту ние со пловните објекти не можеме да го пребараме теренот. Се врши претрес и од копното, што го вршат Службата за заштита и спасување и херцеговската полиција“, посочи Лукшиќ.