Група Албанци ноќеска околу 2 часот и 30 минути го претепале 18-годишниот Стефан Томиќ од Клокот додека тој и неговиот брат се враќале од полноќната божиќна литургија во црквата Свети Петар и Павле, објавија српските медиуми.
По завршувањето на богослужбата во црквата, младиот човек бил на пат кон куќата на неговата тетка, кога бил нападнат од група Албанци, од кои некои ги препознал како обезбедување во локален ресторан.
Стефан се здобил со повреди на окото, раката, стомакот и нозете, а лекарска помош побарал во здравствена установа во Витина.
Семејството целиот случај го пријавило во полиција, која до раните утрински часови го испрашувала Стефан за нападот.
„До седум утринава го држеа во станица, како моето дете да направило нешто. Чекаа да дојде обвинителот кој на крајот не се ни појави. Отидов во станица и ги замолив да дозволат моето дете да си оди, да се одмори од стресот што го преживеа и да го однесам во амбуланта, дури потоа го пуштија дома“, изјави Ивица, таткото на повреденото момче.
Тој додаде дека директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ им се јавил за да им пружи поддршка и да дознаат како се чувствува Стефан по нападот.