Лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова во Народното собрание изјави дека претседателот на Бугарија го предал левичарскиот народ во нејзината земја, јави дописникот на МИА од Софија.
Повод за нејзината изјава беше указот на претседателот Румен Радев за обезбедување бугарска воена помош за Украина. Нинова рече дека Радев му должи објаснување на бугарското општество на оваа тема.
Таа праша зошто Радев ризикува да ја вовлече Бугарија во војната во Украина. Корнелија Нинова рече дека претседателот Радев го предал левичарскиот народ во Бугарија, кој е за мир и во неговите две изборни кампањи за претседателските избори го предложиле и гласале за него за претседател, а за Илијана Јотова за потпретседател.
Нинова потсети на неговите зборови по почетокот на руската инвазија во Украина „дека кој и да реши да и обезбеди оружје на Украина, ќе ја вклучи Бугарија во војната, треба да стане и да им објасни на бугарските граѓани кој е ризикот, бидејќи цената секогаш била платена од нив“.
Таа рече дека заедно со „Преродба“ ќе поднесат барање до Уставниот суд на Бугарија, бидејќи само нивните потписи не се доволни за поднесување на барањето. Доколку тоа не се случи, БСП денеска ќе се обрати до Народниот правобранител на Бугарија. Нинова истакна дека БСП ќе ги искористи сите можни правни средства за да го запре овој договор, кој претставува заземање страна во војната и вовлекување на Бугарија во неа.
Извор: МИА