Интерконекторот меѓу Грција и Бугарија до денес е готов 91,15 отсто, изјави министерот за енергетика на Бугарија Александар Николов во рамките на денешната парламентарна контрола во Народното собрание.
Од 1 јануари до 14 април постигнат е вкупен напредок за 13,15 отсто. Како што јави дописникот на МИА од Софија, завршени се преговорите меѓу акционерите за нов статут на проектната компанија која ја гради гасната интерконекција меѓу Грција и Бугарија. Апликациите за сертификација како оператор на преносен систем веќе се доставени до регулаторните органи на Грција и Бугарија.
– Завршија согласностите за приклучување кон соседните оператори, додаде Николов.
Министерот потсети дека поради констатираното задоцнување на изградбата на дел од линеарниот дел и земјените објекти на корпоративно ниво, преземени се активности за активирање на клаузулата од договорот со изведувачот за изрекување казна од 1 јануари 2022 година.
Александар Николов најави дека на 1 јули ќе биде пуштен во употреба интерконекторот преку кој Бугарија ќе ја добива целата договорена количина на гас од Азербејџан и нема да зависи од испораките од Русија.
Извор: МИА