Невреме проследено со интензивни врнежи од дожд и силен ветер предизвика проблеми во сообраќајот, прекин во снабдувањето со електрична енергија, а поплавени се над илјада хектари земјиште.
Поради силниот ветер и високите бранови забрането е испловување на сите видови пловни објекти вклучително и траектите.
Најпогоден е северниот дел на земјата, каде се поплавени и куќи, а во одделни места поради високото ниво на вода жителите користат чамци.
По обиколката на најпогодените подрачја, албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши од Лежа рече дека во сите општини надлежните се во мобилна состојба.
-И вооружените сили се присутни на терен, и со возила и со луѓе, за да им помогнат на жителите доколку има потреба од евакуација. До попладнево имаме три евакуации во областа Голема Малесија. На цела територија на Албанија службите се во готовност, рече Пелеши.
Тој апелираше без неопходна потреба да не се патува посебно во зони каде има голема количина на вода на патиштата од излеаните реки и големи одрони.
Дождот кој непрекинато врнеше 72 часа ги зголеми нивоата на трите вештачки акумулации на каскадата на реката Дрим, што ќе значи и поголемо производство на електрична енергија.
Од акумулацијата на ХЕ „Вау те Дејес“ се почна со испуштање на вода но засега, според локалните власти, не претставува опасност по населените места.
Во утринските часови на северот забележан е и првиот снег, но со слаби врнежи.
Извор: МИА