Официјалниот претставник за Русија и Западен Балкан од одделението за јавна дипломатија во НАТО, Роберт Псцел денеска оцени дека регионот се движи во вистинска насока бидејќи сите земји сакаат да станат членки на Европската унија.
Тој наведе дека НАТО не преферира некоја земја на сметка на друга, оценувајќи дека европските интеграции треба да им донесат корист на сите.
– За нас е особено важно што се случува на Западен Балкан во однос на прашањето за безбедноста и европските интеграции, бидејќи не може да се замисли регионот да биде надвор од главните случувања, изјави Псцел.
Според него, ЕУ е посакувана цел на сите во регионот, НАТО само за некои, но, сепак, како што рече, никој не е исклучен.
– Ние сакаме сите да имаат корист од тоа, рече Псцел и потсети дека Унијата води политика на „отворени врати“, што беше потврдено со членството на Црна Гора.
Тој истакна дека НАТО има позитивна агенда за Западен Балкан и дека нема „тајни планови и идеи“.