Горан Петрониевиќ, адвокат на внукот на поранешниот претседател на некогашната СФРЈ, Јошка Броз за „Новости “ вели дека постои опасност, дел од таканаречениот „Титов сеф“ да биде распродаден пред да заврши постапката за распределба на наследство.
Судот неодамна го одби предлогот на внуката на Тито, Светлана Броз богатството кое што тричлената Комисија го пронајде и направи попис во депото 555, познато како „Сефот на Тито“ да биде префрлено од Народната банка на Србија, во депозит на судот.
-Претходно го одби и барањето на починатата вдовица на маршалот, Јованка Броз со привремена мерка да се забрани отуѓување на кој било дел од наследството до конечна поделба, предупредува Петрониевиќ.
Тој додава дека последното рочиште помеѓу наследниците на поранешниот југословенски претседател е одржано уште во декември 2012 година и од тогаш постапката практично стои во место.
-По најновите реформи во правосудството, предметот е доделен на нов судија. Во еден момент дури и не знаевме каде се наоѓа- вели Виолета Кочиќ- Митачек, застапничка на синот на Тито, Мишо и внуката Златица Броз.
Во меѓувреме и семејството Караѓорѓевиќ побара да се вклучи во постапката, бидејќи смета дека повеќето од предметите во сефот и припаѓале на династијата.
-Повторно сме на почеток, како и пред четири години. Поранешната власт даде „зелено светло“ само за да го сврти вниманието од другите проблеми. Кога сфатија дека постапката е сериозна, повторно ја сопреа. Се уште немаме целосен список од имото кој треба да биде поделен помеѓу наследниците и државата- вели Петрониевиќ.
Е. Г.