Нападот над Вучиќ во Поточари – удар за процесот на помирување на Балканот

Од:

Нападот врз српскиот премиер Александар Вучиќ во саботата на комеморацијата во Поточари по повод 20-годишнината од масакрот во Сребреница повторно ги разгоре страстите на Балканот, задавајќи им удар на и онака кревките односи меѓу Србија и Босна и Херцеговина (БиХ). Атмосферата пред комеморацијата, пак, дополнително беше подгреана со ветото коешто Русија го стави на резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации (ОН), во чиј текст масакрот во Сребреница е опишан како геноцид.

Осуди за нападот пристигнуваат од сите страни, а она што српскиот премиер Вучиќ го порача по враќањето во Белград, е дека раката на помирување од страна на српскиот народ кон Бошњаците останува подадена и дека двата народа треба заедно да учсествуваат во градењето на мирот и надминувањето на проблемите.

Додека некои случувањето во Поточари го толкуваат како инцидент, а пак самиот српски премиер вели тоа дека било „организиран напад“, кај повеќето постои согласност дека во моментот не смее да се дозволи разгорување на омразата која долги години владее на балканските простори. Според српскиот новинар и аналитичар Александар Бечиќ, постои поврзаност меѓу случувањата во саботата и низата претходни случувања, како што беа апсењата на Рамуш Харадинај и Насер Ориќ, а тука е и поднесувањето на резолуцијата за Сребреница во ОН.

„Она што е најважно е во овој момент да не влетуваме во спиралата на омразата, која на овие простори секогаш е блиску. Мене лично ова ми мириса на нешто што е подготвено во некоја друга кујна. Бидејќи, ако не е така, зошто тогаш започнаа да нé помируваат сега, по 20 години? Зошто тоа не го направија во 2005-та или 2007-та година кога беа изречени казните за геноидот во Сребреница? Сево ова што се случува мириса на ‘странска кујна’, апсењата на Харадинај и Ориќ во земјите во кои често престојуваат, па нивното ослободувањето по неколку дена, потоа резолуцијата на 20 години од војната… Не треба да наседнеме на трикови кои порано крваво ги плативме“, вели Бечиќ во изјава за Макфакс.

Односите меѓу Србија и БиХ, пак, дополнително беа влошени и пред комеморацијата во Поточани, пред сé, поради толкувањето на тоа дали случувањата во Сребреница се геноцид или пак масакр. Според српскиот новинар Владимир Вукасовиќ пак, јазот меѓу двете страни постоел и многу претходно, но и покрај тоа должноста на босанската полиција била квалитетно да го заштити српскиот премиер.

„И пред нападот над Александар Вучиќ беше јасно дека сме далеку од помирување. Сето тоа се виде и преку британската резолуција и апсењето на Насер Ориќ, како и со тоа што белградската полиција поради безбедносни причини одби да дозволи собир преку кој пред српскиот Парламент би им се одала почит на жртвите, а тука беа и безбедносните процени дека Вучиќ во Сребреница би можел да се најде во опасност. Меѓу Србија и БиХ немаше согласност околу тоа што воопшто се одбележува, геноцид или масакр, ниту, пак, од сите работи кои беа кажани не можеше да се заклучи зошто и воопшто се патува во Сребреница: дали поради тоа што така треба под притисок на моралот, или пак дали поради тоа што така треба под притисок на политиката. Има и толкувања околу тоа дека Вучиќ ова не го помина како српски премиер, туку како личноста Александар Вучиќ, односно дека не му беше заборавено тоа што го говореше и правеше за време на 90-тите години. Без оглед на тоа, босанската полиција мораше далеку подобро да го заштити српскиот премиер, кој и да е на таа функција. Вака, јавноста во Србија ова доминантно го доживува како напад над човекот кој ја преставува и со тоа влеговме во уште еден круг на расправање околу старите предрасуди и непријателството. Сепак, пред каменувањето Вучиќ доби и прегратка, и тоа од една од мајките на Сребреница. Веројатно и таа слика ќе остане запаметена“, вели Вукасовиќ за Макфакс.

Во неделата меѓу лавината од реакции и осуди кои стигнаа поради инцидентот, една од најгласните беше и онаа на самото Претседателство на БиХ, кое порача дека ќе спроведе темелна истрага околу причините и пропустите поради кој дојде до инцидентот, истовремено заблагодарувајќи му се на српскиот премиер, кој во духот на помирувањето дошол во Сребреница да им оддаде почит на жртвите. Како што беше потенцирано и од самиот Вучиќ, раката за помирување и натаму останува подадена, а со оглед на тоа што и од босанската страна беше порачано истото, останува да се види уште колку време, со оглед на последните случувања, ќе трае јазот кој ги одвојува двете страни.

Би можело да ве интересира

Македонски автобус заглави во снегот во Србија, се излизга и удри во банкина

Катерина Ѓуровски

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

11 уапсени за трагедијата во Нови Сад, приведен и Горан Весиќ

Катерина Ѓуровски

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Србија снегот направи големи проблеми: „Прст пред око не се гледа“

(ВИДЕО) Опозицијата го блокираше судот во Нови Сад: кошкање и туркање со полицијата

Катерина Ѓуровски