Неколку десетици граѓани денеска протестираа во северниот дел на Косовска Митровица и го обвинија српскиот претседател Александар Вучиќ за „предавство“, а претставници на Српската листа за „неконтролирано богатење“, јави БЕТА.
Учесниците на протестот го прашаа Вуќиќ „зошто молчи“ за присуството на единиците на косовската полиција РОСУ во северниот дел на Косово и формирањето на војската на Косово, доколку, како што наведоа, тоа е спротивно на Уставот на Србија и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
– Ако е незаконски, зошто молчиш Вучиќ, праша Небојша Јовиќ од Движењето за одбрана на Косово и Метохија, еден од организаторите на денешниот протест.
Тој побара од Вучиќ да ги „замрзне“ понатамошните преговори со Приштина додека единиците на РОСУ не се повлечат од северно Косово.
– Бараме сите уапсени Срби да бидат ослободени и албанскиот суд и полиција да немаат никакви овластувања да ги судат и апсат Србите на Косово и Метохија бидејќи тоа е спротивно на Уставот и Резолуцијата 1244. Бараме враќање на судот на УНМИК и на УНМИК полиција, посочи Јовиќ.
Тој побара и формирање на „координативно тело“ на Србите од Косово, бидејќи, како што рече, Српската листа „не може“ да ги претставува.
Јовиќ, исто така, побара „итно враќање“ на српските институции на Косово и го покани патријархот на Српската православна црква, Порфириј да дојде во „својата куќа, во Пеќката патријаршија и да ја сподели својата судбина со својот народ“.
Учесниците на протестот носеа транспарент со натпис „Вучиќ, Космет не те сака, ти не предаде – не ги сакама ниту твоите ЗСО, ти не продаде“, а митингот помина без инциденти.
Извор: МИА