Директорот на рускиот истражувачки институт „Гамалеја“ Александар Гинцбург за денешната „Политика“ изјави дека се водат разговори за почеток на производство на вакцина против коронавирус „Спутник лајт“ во Србија, но дека е рано да се откриваат детали, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ние сме исклучително горди на нашата соработка со Србија, а особено со Институтот Торлак, изјави Гинцбург, потсетувајќи дека Србија е една од првите земји во светот што ја користела вакцината „Спутник V“ и ја произведе таа вакцина.
Тој истакна дека „Спутник Лајт“ е еднокомпонентна верзија на вакцината Спутник V и е препознаена како „универзален засилувач“ на другите вакцини што може да се помогне во постигнувањето на посилен и подолготрајен имунитет.
На прашањето дали ќе и понуди на Србија да увезе или да ја произведе вакцина против корона во форма на спреј за нос, Гинзбург кажа дека се привршуваат клиничките испитувања на интраназалната вакцина, на која работи „Гамалеја“, а откако ќе биде регистрирана, може успешно да се користи за ревакцинација, бидејќи би била особено ефикасна против високо преносливиот вид омикрон сој, така што би обезбедувала дополнителна бариера за назофарингеалната инфекција.
Запрашан кога очекува Спутник V да добие одобрение од Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови и зошто Европа не ја признава руската вакцина, тој кажа дека Институтот Гамалеја не е директно вклучен во процесот на регистрација на СЗО и ЕМА, туку Министерството на здравството и да сите потребни документи се предадени и наскоро очекува завршен преглед.
Извор: МИА