Кипарските власти објавија дека морето исфрлило голем број мртви китови на северниот брег на Кипар. Се верува дека смртта на китовите е поврзана со силните земјотреси што во понеделникот ги погодија Турција и Сирија. Одделот за рибарство и морски истражувања на Кипар наведува дека денеска биле пронајдени шест мртви китови, додека вчера биле пронајдени четири живи китови насукани на брегот.
Три кита биле успешно вратени во морето, но четвртиот умрел. Не е јасно дали меѓу денеска пронајдените мртви китови има и некои од оние кои вчера биле вратени во морето откако се насукаа.
„Овие животни имаат систем за ехолокација на кој влијае морската бучава; тоа може да бидат воени вежби, сеизмички вежби или секако земјотрес во регионот“, изјави Јанис Јоану од Одделот за рибарство и морски истражувања за ТВ Сигма.
Властите ги идентификуваа пронајдените китови како ziphius cavirostris, попознати како китови со клун Кувиер. Нивното присуство не е вообичаено во територијалните морски води на Кипар. Китовите се пронајдени во релативно тесен дел од северниот брег на Кипар, кој е под контрола на меѓународно признатата влада на островската држава, пишува Гардијан.