Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини вели дека Косово и Србија се целосно ангажирани за нормализација на односите и оти сега како никогаш порано е многу важно да продолжи дијалогот.
– Ние знаеме дека нормализацијата на односите не може да се постигне преку ноќ, тоа бара време и не е лесно, изјави Могерини во интервју за „Коха Диторе“.
Таа додава дека од самиот почеток на дијалогот има конкретен напредок. Могерини истакнува дека има уште многу работа да се направи особено кога станува збор за целосно спроведување на досега постигнатите договори.
– Дијалогот ќе продолжи и што побрзо треба да се најде можни решенија за отворени прашања кои спречуваат нормализација на односите, изјави Могерини.
Според неа решението на проблемот со дијалог и преговори е европски начин и една од целите од разговорот е Приштина и Белград да бидат донесени што поблиску до Европа.
Могерини вели дека Косово има јасна европска перспектива што е призната и потврдена од ЕУ на највисоко ниво.
– ЕУ дефинира јасни чекори услови и реформи… крајната цел е јасна Косово прави добар напредок и треба да биде во позиција набрзо да го потпише договорот за стабилизација, вели таа.
Могерини денеска ја посети Приштина, а утре Белград.
Могерини на претстојните средби ќе разговара за примената на досега постигнатите договори во дијалогот Белград – Приштина.
Предвидено е Могерини во Приштина да се сретне со косовскиот премиер Иса Мустафа и со министерот за надворешни работи Хашим Тачи.
Могерини во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Александар Вучиќ и со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.