Откако многу мал број приватни лекари доброволно се пријавија да го зајакнат националниот здравствен систем во Грција и да помогнат во битката со Ковид-19, Министерството за здравство одлучи да мобилизира 206 приватни пулмолози, патолози и општи лекари во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Министерот за здравство Василис Кикиљас и претседателот на Лекарската комора од Атина Јоргос Патулис на 10 март упатија повик до приватните лекари да се вклучат во битката, една седмица подоцна, односно во средата, Кикиљас им даде рок од 48 часа доброволно да се пријават, но откако немаше доволен интерес, утрово беше соопштена мобилизацијата.
-Земајќи ги предвид вонредните околности и итната потреба за лекување на нашите сограѓани, Министерството за здравство презема мобилизација на лични услуги на лекарите специјалисти, односно патолози, пулмолози и општите лекари во Атика, рече Кикиљас рано утрово.
Мобилизацијата се однесува на 206 приватни лекари, под 60 години, еден месец ќе работат во државните болници, ќе добијат месечен надомест, а доколку имаат приватни ординации нема да биде потребно да ги затворат.
Во Атина има 1.331 приватен патолог, 469 приватни пулмолози и 340 општи лекари.
Здравствениот систем во Грција, особено во областа Атика, поширокиот регион на Атина е под најголем притисок од почетокот на пандемијата во земјата, а секој ден се хоспитализираат околу 500 пациенти со Ковид-19, од кои над 200 се во Атика.