Мицотакис: Со признавање македонски јазик и идентитет, прашање на време е земјата да се нарекува чисто Македонија

Од:

Од моментот кога имаме признавање на македонски јазик и македонска националност, прашање на време е оваа земја да се нарекува чисто Македонија, рече Кирјакос Мицотакис на денешната прес-конференција во рамките на 83-от Меѓународен саем во Солун и истакнувајќи дека најголемиот проблем во Договорот од Преспа се македонскиот јазик и идентитет.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, претседателот на Нова демократија, одговарајќи на новинарски прашања, уште еднаш повтори и потенцираше дека неговата партија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа дали во овој или во следниот парламент. Рече дека за нив најголемиот проблем се македонскиот јазик и идентитетот и во случај договорот од било кои причини да не биде ратификуван, тие како влада би започнале нови преговори, нешто што самиот Мицотакис го најави вчера во неговиот говор, тогаш фокусот би бил на овие две прашања.

Одговарајќи на прашањето дали прифаќа сложено име објасни дека е „очигледно дека не постои Грк што би сакал да постои името Македонија во името на соседната земја“, но истакна дека тој лично сака да биде реалист и спомена дека проблемот е во други елементи.

– Основниот проблем во договорот е во јазикот и националноста. Така што, следниот ден, доколку имаме можност, го потенцирам тоа, под предуслов дека нема да се ратификува договорот, големата битка, а ќе треба да знаеме колку битки можеме да водиме во исто време, големата битка ќе треба да биде за јазикот и идентитетот и ќе ви кажам зошто, бидејќи името многу брзо ќе се заборави. Од моментот кога имаме признавање на македонски јазик и македонска националност, прашање на време е оваа земја да се нарекува чисто Македонија. Таму е суштината на проблем и таму јас го лоцирам и вистинскиот проблем што е поврзан со иредентизмот на Скопје, рече Мицотакис.

Во одговорите на сите прашања посветени на спорот со името и Договорот од Преспа, лидерот на Нова демократија повтори дека проблемот е во „отстапувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет“.

– Не можам јас како премиер на Грција, ако овие преговори, го потенцирам тоа, ако преговорите започнат од почеток, не можам да прифатам македонски јазик и македонска националност, како што не прифати ниту еден премиери во минатото што го водеше ова прашање, секако освен господинот Ципрас кој потпиша, рече Мицотакис и истакна дека македонски јазик и македонски идентитет, се „двата елементи што го сочинуваат јадрото на еден потенцијален нов македонски иредентизам“.

Претседателот на Нова демократија, на два пат повтори дека ниту еден грчки премиер во минатото не прифатил македонски јазик и идентитет, нешто што, како што рече, и документите од Викиликс покажуваат „дека континуирано барање и крајната цел на Скопје било да постигне гарантирање на јазикот и националноста и тоа го постигнаа со денешната влада на Ципрас и Каменос“.

Кирјакос Мицотакис, уште еднаш разјасни дека неговата партија нема да гласа за ратификација на договорот, но и објасни дека е тешко да се смени ратификуван меѓународен договор.

-Сакам уште еднаш да бидам комплетно конкретен и јасен, Нова демократија нема да гласа за овој договор, кога господинот Ципрас ќе го донесе за ратификација во парламентот. Доколку од било која причина дојде до избори и договорот не дојде во парламентот, нема да го ратификуваме договорот. Но, од моментот кога договорот се ратификува, а во исто време, врз база на договорот, грчкиот парламент го ратификува и протоколот за интеграција во НАТО, прашањето со НАТО е завршено. Да бидеме апсолутно искрени и да им го кажеме тоа на грчките граѓани. Ратификуван договор, меѓународен договор, за жал, за земјата произведува законски резултати, кои многу е тешко да ги смениме, објасни Мицотакис, пренесе МИА.

Во однос на тоа што би направил за врска со членството во Европската унија, Мицотакис рече дека предвидено е патот до ЕУ да биде долг и тие како влада, „би ги истражиле сите можности што им стојат на располагање“.

Претседателот на најголемата грчка опозициска партија спомена дека тие направиле сѐ што било во нивни раце, ги искористиле сите парламентарни алатки што ги имале на располагање, вклучувајќи ја и иницијативата за гласање недоверба на владата, за да не се потпише Договорот од Преспа.

-Бев многу искрен со грчките граѓани и им реков дека овој договор произведува резултати уште од моментот на потпишувањето и за жал го гледаме тоа. Го гледаме со тоа што скопскиот премиер оди секаде и споменува колку важна придобивка е македонски јазик и македонскиот идентитет и воопшто да не го споменува прашањето со името, рече лидерот на Нова демократија, одговарајќи на новинарско прашање.

Мицотакис рече дека она што го говори во Грција, го кажува и вон границите на земјата, како пример спомена дека во Европската народна партија објаснил која е позицијата на Нова демократија и говорел за договор за кој не се согласува мнозинството од грчката јавност, ги споменал прашањата поврзани со идентитетот и објаснил зошто грчката влада не требала да прифати македонски јазик и македонска националност.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на денешната прес- конференција, што траеше речиси три часа, во рамките на Меѓународниот саем во Солун, Кирјакос Мицотакис одговори на 47 прашања кои во најголемиот дел се однесуваа на внатрешно политички теми, на економијата на земјата и на програмата што Нова демократија би ја спровела, доколку дојде на власт.

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната