Европскиот пармалент денеска го усвои механизмот за можна суспензија на безвизниот режим. Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малстром ја поздрави одлуката, нагласувајќи дека со тоа ќе се осигура да нема злоупотреба на патувањето без визи.
– Новиот механизам ќе придонесе за зачувување на интегритетот на процесот на визна либерализација и за изградба на кредибилитет наспроти граѓаните. Тој ќе овозможи, под строги услови и по темелна проценка од страна на Комисијата, привремено воведување на визи за граѓаните на одредена трета земја, посочи Малстром.
Според еврокомесарката, овој механизам не е насочен против одредена земја или регион, туку се однесува подеднакво на сите држави што имаат корист или ќе имаат корист од безвизниот режим при патување во ЕУ во иднина.
– Механизмот за суспензија на безвизниот режим ќе може да се користи само во исклучителни околности како средство за последна мерка кон некоја држава. Целта е да се одговори на итни ситуации предизвикани од злоупотреба на безвизниот режим од страна на државјани ослободени од обврските за виза, нагласи Малстром.
Таа изрази надеж дека и покрај усвојувањето на овој механизам, нема да дојде момент кога би можело тој да се употреби за суспендирање на безвизниот режим.
– Но, јас сум убедена дека (механизмот) ќе ни донесе безбедносна кочница и ќе помогне во зголемувањето на довербата на земјите-членки во управувањето со визите и идното визно ослободување. Јас лично се залагам за одржување на безвизниот режим за државјаните на трети земји кои имаат корист од него, додаде Малстром.
Според еврокомесарката за внатрешни работи, најважно е дека се осигурува доверливата компонента на заедничката визна политика на Европската миграциска политика. Таа посочи оти сега ќе се спречи злоупотребата на секој безвизен режим за други цели, освен за планираните краткорочни патувања во ЕУ.