Кинески производители на храна со сомнителен квалитет се почесто се наоѓаат на европскиот пазар, инспекциите кај нас тврдат дека нема причина за страв. Потрошувачите се навикнаа на многу производи да пишува Made in China, но пазарот на храна до сега сепак беше резервиран за државите од соседството.
Во меѓувреме кинеската индустрија се разви и го преплави европскиот пазар со храна, па во развиените земји како што се Германија и Франција може да се најде кромид и ориз од кинески полиња, или лосос кој е пакуван во таа земја на Далечниот исток.
Популарни се и кикириките од таа држава, како и печурките. Ефтината стока и зголеменото производство одат во корист на речиси сите снабдувачи на храна, да ги набават потребните количини од Кина. Единствен проблем е што во производството во Кина користат големи колични на пестициди, за да не се расипе храната при транспорт до трпезата на Европјаните.
Во Европската унија од почетокот на годината се регистрирани дури 282 производи со потекло од Кина, а кои не ги задоволуваат стандардите за квалитет.
Со тој број, производите од таа држава најчесто се повлечени производи од пазарите кога е во прашање Европскиот систем на брзо предупредување (РАСФФ), кој го следи и Црна Гора. Во Црна Гора, иако е регистриран увозот на производи од таа држава, не е регистрирана ниту една отстапка од стандардот. Слична е состојбата и во соседните држави, каде само неколку производи со потекло од Кина се повлечени од пазарот поради неисправност.
– Од кинеските производи во Црна Гора најмногу се увезува грав (215.000 килограми) од кои 44.000 се реекспортирани за Србија, како и кромид (165.000 килограми) од кои 140.000 исто така се реекспортирани за Србија. Од останатите производи се увезуваат и костен, кикирики и зачини. За пратките од Кина не се утврдени неправилности ни при увозот во Црна Гора ниту при реекспортот за Србија – наведува Фитосанитарната инспекција на Управата за инспекциски работи.
Сличен одговор за Вијести стигна и од Здравствено-санитарната инспекција: – Храната од увоз, како и таа со потекло од Кина, се контролира пред царинењето, врз основ на барање на увозникот или шпедитерот, а исто така се врши контрола во внатрешниот промет.
Во првите девет месеци оваа година немаше неисправни пратки со потекло од Кина. Најголем проблем со кинеските прехранбени производи е средината во која што се одгледуваат, што понекогаш вклучува прекумерна употреба на отровни пестициди за посевите и антибиотици за животните.
Медиумите објавија дека во 2008 година околу 300.000 бебиња во Кина се разболеа од млеко во прав кое содржеше хемикалија меламин. Кинеските производители ја додавале таа супстанца во млекото во прав, која посебно е штетна за бубрезите. Кинеските производители исто така продаваа грашак обоен во зелено, кој ја губел бојата при готвење и зелка која содржела канцероген формалдехид. Потоа, обелоденет беше и случајот со масло за јадење кое било користено во ресторани, повторно преработувано, флаширано и продавано.
Без разлика дали причина е преплавеноста на пазарот со кинески производи, поволните цени или последица на растечкиот развој, експертите ги советуваат потрошувачите да внимаваат при купување на сите, па и на производите од Кина. Од Националниот совет за храна кој е задолжен за проценка на ризици, наведуваат дека резултатите од контролата на храната, увозна или домашна, во Црна Гора се на задоволувачко ниво.
Претседателката на Советот, прим. др. Лилјана Жижиќ, рече дека во првите девет месеци Здравствено-санитарната инспекција анализирала 898 примери на храна од увоз. – Само четири примероци не одговараа на пропишаните закони, што може да се смета за задоволувачка состојба – рече таа и потенцира дека храната од увоз по ставањето во промет повторно се проверува низ редовни или вонредни инспекциски контроли.
Жижиќ се осврна на контролата на млекото во Црна Гора и објасни дека лабораторијата за млекарство во Биотехничкиот институт го анализира квалитетот на суровото млеко од сите млекари во Црна Гора, два пати месечно од сите кооперанти и дека резултатите се на задоволувачко ниво.
– Во Црна Гора последните години се спроведува мониторинг на пестицидите во храната од растително и животинско потекло од домашно производство. Овој мониторинг се спроведува по претходно утврдена програма и опфаќа храна која е застапена во исхраната на населението на овој регион, а резултатите од досегашните испитувања не покажаа отстапки во однос на пропишаните услови – рече таа. Исто така таа наведе дека следењето на РАСФФ е систем на обврски на органи кои вршат управување на ризик.
– Се работи за навремено информирање за состојбата во областа на безбедноста на храната во Европа и Советот на храна ги следи информациите и преку овој систем и преку ЕПИСОУТХ мрежа на епидемиолози од медитеранските земји, што овозможува навремено да се реагира и да се направи реална проценка на ризици по конзументите во земјата – рече таа.
Спорни банани од Еквадор и кафе од Бразил
Во првите девет месеци оваа година фитосанитарните инспектори најдоа помали пратки кои отстапуваа од прописите и стандардите, во однос на претходните години.
– Поради зголемено присуство на штетни организми уништени се 237.000 килограми банани од Еквадор и 3.000 килограми сурово кафе од Бразил, 21.000 килограми ориз од Виетнам, 3.000 килограми јачмен од Србија, 23.45 килограми печурки од Србија, додека на увозникот од иста причина вратени се 10.000 килограми пченица од Србија и 10.000 килограми пченка од истата држава – се наоди на инспекторите.
Здравствено-санитарните инспектори имаа 9.957 инспекциски контроли, при што утврдени се 2.271 неправилности, што е 22,8 отсто во однос на бројот на извршени прегледи. –
Најчесто неправилностите се однесуваат на изложувањето на производите, потоа на непочитување на режимите за температура при продажбата, на истекот на роковите на употреба, непоседување на докази за здравствена способност на лица кои ракуваат со храна и на непоседување на одобрение за производство и промет на храна – пишува во одговорот на Здравствено-санитарната инспекција.
Поради истекот на рокот за употреба на храна, оштетени амбалажи и изменети видливи сензорски својства, инспекторите наредија уништување на 248 килиграми/литри на храна, а поради непоседување на пропишани декларации и документација вон промет привремено е четири пати поголема количина на храна.
Декларацијата – стапица за потрошувачите
Она на што предупредуваат потрошувачите е и несоодветниот состав на производи на нивните декларации, но Здравствено-санитарната инспекција немала ниту еден случај од несоодветен состав во однос на декларираниот квалитет. Треба да се биде внимателен бидејќи е важно вистинскиот состав на производот да одговара на декларацијата и поради можни алергии на потрошувачите на одредени материи. При секое купување треба да се биде внимателен на секој детал на производот, а посебно на декларацијата, бидејќи во тој дел често се кријат многу неправилности.
Декларацијата на производите треба да биде јасна, видлива и да ги содржи сите податоци за производителот и производот, со соодветен превод. Содржината на декларацијата е пропишана со Закон за заштита на потрошувачите.