Обединувањето на Европа не е целосно без Западен Балкан. Со членството во Европската унија, границите стануваат помалку важни. ЕУ треба да биде поактивно поврзана со сите земји од Западен Балкан и секој партнер е посветен на побрзо и поефикасно усвојување и спроведување на потребните реформи, се клучните заклучоци од заедничката декларација на шестте земји од Западен Балкан и копретседателите Словенија и Хрватска. Осумте претседатели од Западен Балкан по еднодневниот самит на процесот Брдо-Бриони во Словенија ја повикаа ЕУ да го забрза процесот на пристапување, повикувајќи на итно отворање преговори за членство со Албанија и Северна Македонија.
„Ние, водачите на процесот Брдо-Бриони, сме посветени на заедничката стратешка визија за Европа – цела, слободна и во мир. Ние ја потенцираме нашата посветеност на мирот и стабилноста, како и на добрососедските односи. Западен Балкан е дел од Европа и обединувањето на Европа не е целосно без Западен Балкан“, се наведува во Декларацијата.
Во неа се потенцира дека со членството во ЕУ границите меѓу државите членки стануваат помалку значајни, што дава простор за коегзистенција на различни национални идентитети. Во текстот се повторува потребата од решавање на прашањето со исчезнатите лица од судирите на територијата на поранешна Југославија и воедно се бара сторителите да бидат изнесени пред лицето на правдата.
Во Декларацијата се потенцира дека проширувањето е геостратешка цел и оти тоа е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, како и геополитичка потреба и најважен политички предуслов за стабилна, просперитетна и одржлива иднина на Европа.
„Преку поамбициозен и поцелисходен процес на проширување, ЕУ треба поактивно да се ангажира со сите земји од Западен Балкан за да ги охрабри да ги исполнат добро утврдените и неопходни услови за членство во ЕУ што е можно побрзо.
Со понудата за членство во ЕУ и укинувањето на визниот режим за целиот Западен Балкан, ЕУ ја има на располагање најмоќната трансформациска политичка алатка. Секој партнер е свесен дека мора да ги усвои и спроведе потребните реформи, вклучително и оние во областите на владеење на правото, демократизација и економија и е посветен тоа да го стори побрзо и поефикасно“, се истакнува во заедничката Декларација.
Апсорпциониот капацитет на ЕУ е доволен за да ги прифати земјите од Западен Балкан како нови членки. Ја повикуваме Европската унија навистина да го забрза процесот на пристапување и да ги прими сите земји од Западен Балкан во ЕУ, имајќи го предвид напредокот што го направи секоја од нив.
„Ние силно се залагаме за итно отворање на преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија, без понатамошно одложување“, се истакнува во усвоената Декларација.
Во неа се поздравува и намерата на Словенија за време на претседавањето со Советот на ЕУ да одржи самит ЕУ-Западен Балкан и нејзината намера да го вклучи Западен Балкан во Конференцијата за иднината на Европа која е отворена на 9 мај 2021 година.
Западнобалканските лидери се осврнаа и на ситуацијата со пандемијата на коронавирус и ја истакнаа потребата од тоа опоравувањето да се искористи како можност за еколошка и дигитална транзиција која ќе доведе до одржлив развој, а ќе понуди повеќе можности на помладите генерации.