Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да го добие мандатот за формирање на идната влада на Косово, се сретна попладнево со потпретседателката на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Вјоса Османи, на консултации за формирање на новата влада, откако нивните партии освоија најмногу гласови на вонредните парламентарни избори што се одржаа на 6 октомври.
Преку објава на својата страница на Фејсбук, Курти информира дека со носителката на листата на ЛДК на изборите од 6 октомври разговарал за подготовките за преземање на власта и изрази уверување дека „Косово ќе излезе од кризата и ќе напредува“.
– Заедно со Вјоса денеска разговаравме за подготовките за новата влада и за предизвиците кои ни претстојат. Косово ќе излезе од кризата и ќе напредува. Нашата соработка е наша определба. Добрите намери и добрата работа се наша одговорност кон граѓаните на Републиката и институциите на државата, напиша Курти.
Двете досега опозициски партии победија на вонредните парламентарни избори во Косово, при што ВВ освои околу 25,5 отсто од гласовите, додека ЛДК околу еден отсто помалку.