Косовските родители бараат штрајкот во основното образование да се забрани со закон

Од:

Родителскиот совет на Косово повика денеска враќање на нормалноста и подобрување на квалитетот во образованието, како и забрана со закон на штрајковите во основните училишта, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на Родителскиот совет се вели дека тој никогаш нема да го поддржи штрајкот организиран од Обединетиот синдикат на образованието, науката и културата (СБАШК), ниту пак, како што се наведува, „неразумното раководство на таа синдикална организација“.

„Секогаш солидарни со наставниците кои се третираат неправедно и вон секоја норма, со еднострано толкување на законите и надвор од сите практики. Сакаме нормалност, подобрување на квалитетот во образованието. Сакаме достоинство и човечки интегритет за сите. Да ги третираме другите како што сакаме да се третираат нашите деца“, се наведува во соопштението на организацијата на родители на косовските ученици.

Штрајкот во предшколските установи, основните и средните училишта во Косово почна на 25 август, а минатата сабота, на 1 октомври, СБАШК одлучи да се суспендира до јануари, со можност да се продолжи доколку не се исполни нивното барање за надоместок од по 100 евра месечно до донесувањето на законот за плати.

Владата на Албин Курти го одбива тоа барање, а најави и дека наставниците кои штрајкувале нема да добијат плата за септември, на што СБАШК, како и опозицијата, најавија кривични пријави за министерот за финансии и за секој што ќе ја блокира исплатата на платите. Синдикатот денеска најави и можност од повторно стапување во штрајк на над 25 илјади воспитувачи, воспитувачки, наставници и наставнички, доколку во законскиот рок, до петтиот ден во месецот, не бидат пуштени платите.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Косовската полиција затвори 35 српски институции

Косовските цариници заплениле стока од Македонија вредна 30.000 евра

И Али Ахмети е во Косово

Катерина Ѓуровски

Курти остро кон Србија: Тоа е паравоена држава, во историјата имаа две и пол години демократија

Обвинителство во Приштина: 10 уапсени во врска со нападот кај Зубин Поток

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија