Косовската полиција (КП) соопшти дека безбедносната ситуација на северот на Косово не е променета и дека се уште има „барикади на патиштата поставени од криминални групи“ и дека Јариње и Берњак, два гранични премини на северот на Косово, сè уште се затворени за движењето на луѓе и стоки, јавува Анадолија.
КП наведува дека и покрај пријавените кривични дела и напади врз косовскиот безбедносен персонал, меѓународниот тим за следење и врз медиумите, Косовската полиција останува будна и посветена на највисоко ниво и морал во извршувањето на уставните и законските должности, во интерес на општа безбедност.
„Косовската полиција, како дел од оперативните проценки и планирања, навремено презема безбедносни мерки, неопходна поддршка и логистички мерки, вклучувајќи облека и храна за својот дежурен персонал. Како што истакнавме претходно, косовската полиција ќе продолжи да се залага за безбедност на сите граѓани без разлика, изведување на осомничените пред судските органи, како и за зачувување на уставниот поредок на Република Косово“, се вели во соопштението.
Се нагласува дека косовската полиција својата работа ја заснова на професионализам, одговорност и интегритет, „во чии рамки обезбедува безбедност и се однесува исто кон сите граѓани, па оттука и постојаните шпекулации на медиумите, главно српските, дека наводно полицајците на северот на Косово имаат лошо, грубо и нељубезно однесување кон српската заедница, не стојат и се невистинити“.
Извор: МИА