Основните и средните училишта во Косово објавија еднодневен штрајк со барање за примена на колективниот договор од 2014 година и зголемување на платите, пренесе БТА.
Заменик-претседателот на Синдикатот на работниците во образованието, науката и културата Реџеп Садику рече дека речиси сите училишта се приклучиле кон протестот.
Лидерот на Синдикатот на здравствените работници Блерим Суља изјави дека и медицинскиот персонал од утрово штрајкува, и им се извини на граѓаните за непријатностите, повикувајќи да изразат разбирање за положбата на лекарите.
Тој рече дека штрајкот ќе трае до утре во седум часот утрото. Дотогаш ќе работат само центрите за итна медицинска помош, одделенијата за трансфузиологија, гинеколошките болници.
Косовската Влада соопшти дека примената на колективниот договор потпишан во март 2014 година ќе може да почне дури по ребалансот на буџетот во јуни годинава.