Министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај очекува напредок во преговорите со Србија на состанокот на премиерите на двете земји што треба да се одржи на 2 април.
– Ова е дијалог за нормализирање на односите меѓу двете страни како одделни и независни држави, изјави Хоџај.
– Сметам дека ќе има напредок на 2 април. Ние работиме на тоа, но сметам дека причината што нема напредок е Белград, а не Приштина, истакна тој.
Хоџај изјави дека верува оти никој во Брисел нема интерес од создавање на српска република во Северно Косово и дека секој што го предлага тоа, е „против мирот, безбедноста и стабилноста на Косово и регионот“. Тоа е нашата црвена линија, предупреди Хоџај.
Србија не ја признава независноста на Косово, но е под притисок од ЕУ да ги подобри меѓусебните односи и да се надминат поделбите меѓу албанското мнозинство и српското малцинство на Косово.
Двете страни не постигнаа договор на 21 март по долгите преговори меѓу српскиот премиер Ивица Дачиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи, на кои домаќин беше високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон.