Србија, Хрватска, Албанија и Македонија денес соопштија дека во последните 24 часа регистрирале досега највисок број на новозаразени со коронавирус од почетокот на пандемијата, а епидемиолозите предупредуваат дека бранот на новозаразени може и да се интензивира во следните денови.
Според последните податоци, во соседна Србија во последните 24 часа евидентирани се 386 новозаразени со коронавирус. Во државата за едно деноноќие починаа 18 лица со што вкупниот број на жртви сега изнесува 370 лица. Вкупниот број на заразени изнесува 17,728, а евидентирани се 3.639 активни случаи. На респиратори се приклучени 130 пациенти.
Во последното деноноќие во Албанија регистриран е нов рекорд во однос на бројот на новозаразени со Ковид-19. Од направените 420 тестови, позитивен резултат е добиен кај 90 лица, што е највисока бројка во едно деноноќие досега. Истовремено, излекувани се 43, а починаа две лица, соопшти Министерството за здравство и социјална заштита. Досега направени се 3.513 тестови, позитивен резултат е добиен кај 3.278, закрепнале 1.875, а починале 85 луѓе. Активни на болеста се 1.318, од нив повеќе од 80 се хоспитализирани на Инфективната клиника во Тирана, од нив 11 се наоѓаат во серозна здравствена состојба, соопштија албанските власти.
Во Хрватска денеска се регистрирани 116 новозразени со Ковид-19, што е најголемо дневно зголемување од почетокот на епидемијата и воедно, првпат бројот на новодијагностицирани е троцифрен. Бројот на активни случаи во земјата изнесува 1038, соопшти Кризниот штаб. По средбата со научниот совет и Штабот за цивилна заштита во Владата, хрватскиот министер за здравство Вили Берош рече дека сега се разгледуваат нови мерки, но и многу построги услови за влез во земјата.
Лабораторијата на Институтот за јавно здравје на Црна Гора анализираше 468 примероци од кои 58 биле позитивни на новиот коронавирус. Од почетокот на јуни вкупниот број на регистрирани случаи изнесува 753, а потврдени се 10 починати лица. Бројот на моментно активните случаи е 733 лица.
Во Бугарија расте бројот на новозаразени со коронавирус, откако во последните 24 часа се регистрирани 330 нови случаи. Во соседната држава беа тестирани 3.686 луѓе, а починале уште три лица.Вчера биле регистрирани 240 нови случаи, а пред два дена, 188. Во болниците низ државата се лекуваат 525 пациенти, од кои 28 се на интензивна нега. Од почетокот на пандемијата во Бугарија се регистрирани вкупно 6.672 заразени, од кои 262 починале. Во моментов, активни се над три илјади случаи, јавија бугарските медиуми.
Во изминатите 24 часа во Грција регистриран е зголемен број позитивни случаи на Ковид-19, од кои повеќето кај туристи. Националната организација за јавно здравје на Грција, соопшти дека има 60 новозаболени лица, со што бројот на заразени се зголеми на 3.732 лица во земјата.